Љупчо Јолевски

новинар

Мојот живот беше и остана пишувањето – таа благодет со ништо не се доплаќа

Кога си млад не ти недостига храброст. Ниту лудост. И, сега кога ќе размислам веројатно најголемиот предизвик со кој лично сум се соочил беше моментот кога од зачмаената атмосфера на МРТВ некаде на крајот на милениумот решив, од таквиот „комформизам“ што со себе го носеше една јака државна фирма со бедно положение, решив да излезам „на пазарот“ за кој подоцна дознавме и фактички дека не постои. Дека е тоа само игра на некои „газди“ кои преку ноќ сакаа да станат „медиумски цареви“, вели новинарот Љупчо Јолевски, „тазе“ пензионер кој никако да се одлепи од перото, поточно од тастатурата. Сè уште активно пишува и работи.

Ското три децени помина во новинарството како новинар, водител и уредник. Кариерата ја почнал во „Млад борец“ на почетокот од 1980-тите. Долги години бил во „Телевизија Скопје“ и во „Македонското радио“ (Втора програма). Паралелно четири години бил уредник на музичкото радио „Канал 103“, а соработувал и со изданијата на „Детска радост“, ревијата „Екран“ и тогашна „Нова Македонија“. Од крајот на 1990-те бил новинар во „Телевизија Скопје“, магазинот „Старт“, потем уредник во дневните весници „Дневник“ и „Време“, соработник на интернет порталот Блесок, на Светската и на Европската музичка енциклопедија и повеќе од седум години водител на музичката емисија „Скопје-Париз-Тексас“ на „Радио Равел“. Се пензионира во „Радио Слободна Европа“ каде Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

На кој дел од вашата кариера секогаш се навраќате и сте особено горди?

Обично, човек кога го претресува стореното и ја прави сопствената прошетка по минатото, пред очи му излегуваат мал милион моменти. Притоа обично се труди да ги потисне оние горчливите и да им се препушти на оние во кои имал можност да ги ужива плодовите од својата работа. Од работата на која со толку многу љубов и енергија катадневно и се предавал. Од таму, некако најблиску ми е да кажам дека секогаш ќе им се навраќам на моментите минати во „Млад борец“, на времето од почетокот од мојата новинарска кариера. На времето пред „интернетот“ и компјутерите кога, од друга страна, немаше сила што може да не запре и кога со новинари како Томислав Османли, Христо Петрески, Душко Кралевски, Никола Младенов, Сашо Ордановски, Синиша Станковиќ… мислевме дека го менуваме светот. Дека, можеби сме и едно од значајните камчиња во мозаикот наречен Пролет на македонската демократија. Токму тогаш кога се прекршуваа системите и кога некако сонот за самостојна македонска држава стануваше реалност. Кога наспроти татнежот силно пулсираше и сонот за автентична и модерна македонска култура. Е, тоа е она што секогаш ќе ме прави горд. И, кога би можел повторно би го сторил.

Кој дел бил најголем предизвик низ кариерата со кој сте се соочиле?

Кога си млад не ти недостига храброст. Ниту лудост. И, сега кога ќе размислам веројатно најголемиот предизвик со кој лично сум се соочил беше моментот кога од зачмаената атмосфера на МРТВ некаде на крајот на милениумот решив, од таквиот „комформизам“ што со себе го носеше една јака државна фирма со бедно положение, со неколкумина колеги како покоен Ѓорѓи Варошлија – тогаш директор на Македонското радио, Горица Попова,  Зоран Чука, Љупчо Наќев, Гоце Атанасов… сите новинари од Радиото и потем А1, Влатко Галевски… решив и самиот да излезам „на пазарот“ за кој подоцна дознавме и фактички дека не постои. Дека е тоа само игра на некои „газди“ кои преку ноќ сакаа да станат „медиумски цареви“. Не оти се кајам за таквата одлука оти во нашата Матична куќа МРТВ и по толку време сеуште ништо не е сменето, за ЖАЛ, туку едноставно затоа што на тацна на некои непрокопсани сме им дале убав дел од нашиот нескриен ентузијазам.  Од друга страна можеби и испадна и добро. Сме биле направени од гранитен материјал, а знаењето никој не може да ти го земе. Поголемиот дел од нас се скрасивме во Радио Слободна Европа на македонски јазик, американската компанија која добро знае каков кадар и е потребен.

Како и од кого најмногу учевте?

Учев од мнозина. Од луѓето и колегите со кои работев во разни медиуми. Како студент на новинарство – првите лекции ми беа од еден доаен како Веле Митановски, уредник и тогашен директор на Радио Охрид. Во „Македонско радио“ од Ристо Јачев, Љупчо Димитровски, Михаил Бошковски, Драган Костиќ, Аритон Крлиу… во „Екран“ од професорот Јован Павловски, Јасмина… , во „Нова Македонија“ од Оливер Белопета со кого цели три години ја работевме саботната музичка страница, во „Дневник“ од Ѓорѓи Барбаровски … од секого се трудев да го „украдам“ она што ќе му биде блиско на мојот сентимент, на она што ќе ми помогне да станам свој. Некако ми беше многу важно да не бидам сличен на овој или оној, туку најмногу да останам Љупчо Јолевски кој секојдневно ќе се надградува себе и ќе стреми да остави траг со она што со толку љубов го остава зад себе како сведоштво за едно траење.

Совет кој ви го дал некој кој постојано ви се врти во глава?

Мајка ми постојано ми велеше: Синко, бадијала работи, бадијала не седи! Тогаш и се потсмевнував на таквите зборови. Сега, откако и самиот го затворам кругот, гледам дека несвесно тоа ми влегло во потсвеста и дека личното поведение сум го прилагодил на „нејзините“ зборови. Во професијата сум имал моменти кога ми доаѓало да кренам раце од се и да го превртам животот поинаку. Не било секогаш весело. Напротив, ама и кога доаѓале таквите волнени времиња не сум запирал. Мојот живот беше пишувањето. И, пишував и пишувам. Таа благодет со ништо не се доплаќа.

Што е беше клучно за вашиот професионален успех  и како го дефинира успехот?

По четири децении во професијата,  две објавени книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ , неколку признанија од кои особено ми е драга Наградата „13 Ноември“ за новинарство што ја доделува Град Скопје… ќе бидам искрен и ќе кажам дека и не знам што е тоа успех. Успех за мене е да те читаат, да те слушаат на радио … Да им дариш на луѓето професионална информација или музика што ќе им отвори нови пространства. На виделина да ги извадиш вистинските творци и да проговориш за сето она што тие го прават преку сопствените настојби да ѕидаат мостови на пријателство и да го преместуваат времето.  Да живееш плодотворно овде и сега. Ете тоа е успех за мене. Сето останато е минливо и неважно.

Совет кои сакате да им го дадете на денешната млада генерација?

Е, само тоа нема да го направам. Оти и ден денес добро се сеќавам колку не допираа до мене советите од возрасните. Затоа … секој нека си го одбере патот. И, толку.


Сподели на: