архитект
Даница Павловска – Циги е архитект, позната во јавноста и меѓу колегите како претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ. Таа непрестано е активна во борбата за подобар град и зачувување на архитектонските вредности. Почнувајќи од своите раководни позиции, па се до нејзиниот општествен ангажман, таа е неуморен борец за убавото, за општото добро, филантроп и космополит во вистинска смисла на зборот. „Нагласувам дека желбата посветено да им помагам на луѓето ја негувам, а мојот активизам секогаш успешно ме водел низ различни сетилни зони“ – вели Павловска.
На кој дел од вашата кариера секогаш се навраќате и сте особено горди?
Многу години бев раководител на секторот за просторно планирање во Министерството за животна средина и просторно планирање и со особена чест и гордост ја представував државата на меѓународни собири и конференции, но особено задовоство и возбуда ми беше на Светскиот конгрес на архитекти во Токио да ја застапувам Асоцијацијата на архитекти на Македонија како нејзин председател. Не можам, а да не го спомнам мојот извонреден напор да го донесам на нашиве простори ликот и филозофијата на Јан Гел – светски авторитет во создавање на градови за луѓе .
Кој дел бил најголем предизвик низ кариерата со кој сте се соочиле?
Доверување на задача на осмислување на просторниот развој на државата со соодветна организација на изготвувањето и донесувањето на документот Просторен план на Македонија како базична неминовна потреба и предуслов за постоењето на Македонија како држава. Одсекогаш и секаде на меѓународната сцена постоел еден политички предизвик како „пикантерија“, а тоа е заштитата и толкувањето на името на државата што во суштина претставуваше своевиден апсурд.
Инаку, честите поместувања во хиерархијата на државните службеници како нормална појава во нашата администрација, ми претставуваа непријатен предизвик и дополнителен интелектуален напор за самопотврдување.
Како и од кого најмногу учевте?
За жал не можам да издвојам некое поединечно име од моите професори на Архитектонскиот факултет при УКИМ – моите први учители, но мојот професор Алфред Рот, во Цирих ме направи вљубеник во професијата архитект. Инаку, учев од животот, од луѓето, од сите, од моите планери, дизајнери, теоретичари, практичари, раководители особено од моите колеги од Советот на Европа, од Комитетот Хабитат при ОН.
Совет што постојано ви се врти во глава?
„Научи да учиш“ зашто цел живот се учи. Да, може и треба, секогаш со нови сознанија професионално и лично да се надградуваме.
Што беше клучно за вашиот професионален успех и како го дефинирате успехот?
Носам восхит за професијата архитект и во својата рана сигурна насоченост ги опробував сите димензии на нејзината раскошност, ја следев со љубопитство, со разбирање, со возбуда и со повеќе или помалку творечка авантура. Се реализирав низ својата работа на типичен само мој луциден и длабоко промислен начин, и така го направив мојот професионален профил препознатлив. Но се чувствувам особено исполнета што и по својата свест и по својата совест, делувам како филантроп и космополит. Нагласувам дека желбата посветено да им помагам на луѓето ја негувам, а мојот активизам секогаш успешно ме водел низ различни сетилни зони. На индивидуално ниво, сето тоа ме прави среќна но, сепак сметам дека како член на еден колективитет одговорен за квалитетот на живеењето, не сум сторила доволно. Битно за успехот е тој поттикнувачки немир и драматичност на патот токму до него.
Совет кој сакате да им го дадете на денешната млада генерација?
Им порачувам на младите да станат и останат сонувачи, но да му припаѓаат на мигот, моментот, денот што го живеат; да не пропуштат да уживаат во можностите што секој добар проект, добра идеја, добра цел ги отвораат; да ги прифаќаат со радост предизвиците и да ги покажат своите знаења и умеења.