Киро Донев

писател

Детството човекот цел живот си го носи во себе

Киро Донев е еден од најплодните писатели за деца и млади кај нас. Неговиот опус брои околу педесетина наслови. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член на ДПМ од 1970 година. Денес како пензионер живее во родното село, Моноспитово. Донев и понатаму останува посветен на творештвото за најмалите, па шеговито, но одлучно вели – децата се мојата партија! Духовит, луциден, секогаш оригинален во изразот, тој и понатаму е полн сила и енергија, автентичен хумор, па создава и остава дела вредни за прочит.

На кој дел од вашата работа во Детска Радост со радост се сеќавате?

Имам зачувано многу радосни мигови од тоа време, од тој прекрасен тогашен редакциски колектив. Пред сè на денот кога прв пат како „пробен“ новинар-соработник влегов во зградата на Нова Македонија, во која што на приземјето беше сместена редакцијата Детска Радост, и се сретнав со некој од авторите чиишто книги ги имав прочитано по неколку пати во основното училиште. Со Видое Подгорец, авторот на мојата прва купена книга со наслов „Прости ми Канаринке“ и прекрасниот роман „Ајдучка чешма“, со Глигор Поповски, чија што „Сказна за детето Вилен“ која си ја носев постојано во овчарската торбичка и си ја препрочитував додека ми пладнуваа овците под некоја сенка на некоја раскошна врба или топола. Тука беше и Симон Дракул, кој дотогаш го уредуваше „Наш свет“ и токму тој ден си замина на друга должност. Се запознав и со Миле Марковски, синот на Венко Марковски, кој едно време, после заминувањето на Подгорец, ми беше уредник. Се сеќавам и на Неџати Зекерија, главниот уредник на списанијата за деца „Томурџук“ и „Севинч“. Тука беше и Фејзи Бојку, уредник на списанијата за деца „Гзими“ и „Фатоси“ и тогашниот директор на „Детска Радост“, Мехмед Алихоџа.

Сепак, неизмерно среќен се почувствував кога ми кажаа на кое работно биро да седнам и дека мојата главна задача ќе биде да ја отворам пристигнатата пошта – писмата од децата соработници од основните училишта од републиката, и по мое видување да ги одберам најдобрите творби (песни, раскази, цртежи) и да му ги предадам на одговорниот уредник Видое Подгорец. Така јас станав и еден вид „уредник“ на четирите детски страници со наслов „Од вас за вас“ на неделникот за млади „Наш свет“ кој излегуваше во тираж од 40.000 примероци.

Како од временска инстанца гледате на проблемите или предизвиците и на кој начин сте ги решавале?

Порано беше многу поинаку од денес. Тогаш сите списанија за деца и млади (и на македонски, и на албански и на турски јазик) во редакцијата „Детска радост“ излегуваа заедно со сите дневни весници во рамките на „Нова македонија“. Се водеше генерална политика за сите проблеми што настануваа. Меѓутоа, секое тогашно ООЗТ имаше сопствена маркетинг служба, свое тиражно одделение кое се грижеше за пласманот на списанијата што ги издава. Во тоа време контактите меѓу читателите и нас, новинарите, уредниците и писателите од „Детска радост“ беа редовни, додека вреботените од маркетинг службите се грижеа за тиражите, ние ги посетувавме училиштата за време на сите патрони празници и прослави, одржувавме литературни средби и контакти со сите постојни секции од слободните активности во училиштата. Редовно објавувавме како и што работат наставниците во наште списанија и немавме никакви проблеми со пласманот на списанијата. Се сеќавам тогаш списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“ излегуваа во тираж од 100.000 примероци.

Но, новото време со транзицијата донесе и нови услови во работата. Појавата на интернетот и начинот на разните потребни и непотребни реформи во образованието, ја нарушија некогашната традиција и начин на комуникација на младите читатели со списанијата наменети за нив. Некој од нив што се појавија за прв пат уште 3 јануари 1945 година, веќе речиси згаснаа.

Како и од кого учевте во уредувањето и раководењето во редакцијата, а од кого во творештвото и пишувањето?

Чинам дека местото уредник не само на некој весник, списание или на некоја едиција книги во некоја издавачка куќа, е најважно ама и најодговорно. Од неговиот критериум, знаење и умеење, кои се гаранција за тоа дали тоа што му се нуди на читателот е навистина квалитетно, зависи и судбината на понудениот производ, списание, весник или книга за во иднина. Јас имав среќа да го испечам новинарскиот занает кај одличните учители – ментори Видое Подгорец, Васил Куноски и Глигор Поповски, затоа и не видов некоја тешкотија додека бев уредник, одговорен уредник, а на крајот работниот век го завршив како директор на редакцијата „Детска радост“. Но, околу уредувањето многу ми помогна и тоа што во тоа време од некогашните југословенски републики ги добивавме во редакцијата сите списанија наменети за деца и млади, уредувани од тогаш врвни писатели за деца, како што се Душко Радовиќ (Полетарац), Мира Алечковиќ (Змај), Мирко Петровиќ (Кекец), Драган Кулиџан (Весела свеска и Мале новине) и така натаму. Јас сите овие списанија редовно ги следев, ја проучував нивната концепција, и од тој „урнек“ си правев свој, многу поразличен од другите. Тоа беше навистина едно добро искуство.

А од кој учев за занаетот на перото? Спиокот е малку подолг. Учев од Подгорец, Бошко Смаќоски, Глигор Поповски (кои беа во моја близина), но и од оние малку подалеку, Бранко Ќопиќ, Душко Радовиќ, Густав Крклец, а од светските Марк Твен, Џани Родари, Азиз Несин, Карел Чапек, Ла Фонтен, браќата Грим и други. Тие ме натераа да се обидам да пишувам во повеќе жанрови. Но, колку сум успеал во тоа во моите педесетина книги објавени до сега, нека судат читателите, децата и критичарите…Меѓутоа, во мојот творечки „пункт“, најзастапено е детството. Тоа ми е најосновниот извор на вдахновение и инспирација. Оти, чинам, дека така не се разграничува литературата за деца и млади и онаа за возрасни. Детството човекот цел живот си го носи во себе, само што некој тоа го изразува повеќе, а некој го крие или се срами од него.

Како го дефинирате успехот и што го сметате за најголем успех?

На тоа ваше прашање во прашање ќе одговорам сосема накусо. И во оваа (не)време пораз не признавам, а за најголем успех го сметам секој нов преживеан ден и што мојата „политичка партија“ се децата.

Како се останува активен и по завршувањето на т.н работен век?

Додека ми траеше работниот век, носев не по една, ами по „три лубеници под една мишка“ и за тоа време објавував само на три години по една книга. Откако заврши тој „работен век“, на државата и се оддолжувам со по две – три книги годишно, а за таквото нешто, при тој наш занает за кого се живее, но од кого не може да се живее – потребен е цел човек!

Еден совет за помладите, но не само колеги, ама и на познати и непознати луѓе?

За младите: Слушајте нè нас старите, ама пак – работете си по свое.  За возрасните: Внимавајте каков свет ќе им оставите на тие што доаѓаат после вас. На оние што пишуваат: Талентот или го имаш, или го немаш. Со него се раѓаш.


Сподели на: