Конференција 2024

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни.

Втората конференција наменета за млади „Чувари на мудроста“ ќе се одржи на 11 јуни (вторник) со почеток од 10 часот во Младинскиот културен центар во Скопје и ќе биде бесплатна за сите студенти. Младите ќе добијат можност да слушнат совети од професори, уметници, архитекти и стопанственици во нашата држава, како и да добијат и дополнителни стручни совети на работилниците за брендинг и бизнис-план за стартап компании. Конференцијата е во организација на Халкбанк АД Скопје, а целта на овој настан е да се обединат и да се искористат искуствата и знаењето на докажаните и успешни професионалци во различни области за да се пренесат практични совети и мудрости на младите луѓе.

Целата дискусија е конципирана да се одвива во парови кои се од иста професија или со слична кариерна определба. Паровите ќе вклучуваат по еден искусен и еден помлад од фелата. Тие меѓу себе ќе треба да разговараат за определни прашања ставајќи фокус на нивната професионалност и на она што придонело за нивниот успех. Ќе ги споделат личните ставови и она во што веруваат. Публиката ќе има можност да слушне корисни совети за кариерен развој, но и за животната философија на говорниците од различни генерации.

Дел од учесниците кои ќе дискутираат на различни теми и ќе споделат совети за кариерен развој се професорите Мишко Ралев, Радмил Поленаковиќ и Бобан Мисоски, претприемачите Нина Ангеловска и Петар Ниновски, теоретичарката на уметност Искра Гешоска и психолозите  Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ и Катерина Димова.

Втората конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK е важна поддршка и инспирација за младите професионалци и претприемачи. Присутните ќе имаат можност да добијат и дополнителни стручни совети на работилниците за брендинг и бизнис-план за стартап компании, што ќе бидат спроведени во рамките на конференцијата.

Влезот за сите студенти ќе биде бесплатен, со приложување студентска легитимација, но заради ограничениот број присутни, задолжително ќе биде пријавувањето преку онлајн формата.

Конференцијата е дел од поголемата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“, што започна во 2022 година, со намера да им даде глас на припадниците на повозрасните генерации. Во рамките на кампањата се спроведоа повеќе активности, настани и работилници во чиј центар беа пензионерите и повозрасните лица.

Сподели на: