Лилјана Грџо Дамовска

новинарка

Силата доаѓа од слободата, од можноста да се излезе од рамката

На мозокот не можеш да му кажеш да оди во пензија. Ми кажуваат дека на пензионирањето се радувам како на матурска. И дека „пензионерка” не ми личи на карактерот. Јас само знам дека сега си уживам во животните радости.

Предизвиците се благодет, а проблемите – главоболки. Ги имало и едните и другите. Со предизвиците зрееш професионално, а со проблемите сфаќаш дека во редакцијата, во која минуваш секојдневно десет часа, не размислувате сите исто, дури и дека немате иста цел – вели Лиле Дамовска, долгогодишна новинарка, активен проследувач и критичар на културната сцена, , уредник во дневниот весник Дневник и главен уредник во магазинот Теа Модерна. Дамовска која е и препознатлив скопски урбан лик, од неодамна е пензионерка, а оние кои ја познаваат лично, велат дека тоа воопшто не прилега на нејзиниот карактер. Таа пак низ смеа додава „сега сум најповеќе новинар, коментирам без задршка сè и сешто, но по дома“.

Дипломирала на студиите по новинарство, а магистрирала на културолошките студии на Институтот за македонска литература. Почетоци ѝ се во Македонското радио, била уредник и на списанието Леона и помошник главен уредник во Вечер. Уредник на издавчката програма во култниот Дневник, во време кога беа објавени 30 наслови или продадени околу 500 000 книги. Автор е на збирката критика „Светска женска”.

На кои моменти од вашите новинарски почетоци со задоволство се сеќавате?

  • Па, речиси на сè. Но, никогаш нема да ја заборавам возбудата при првиот контакт со микрофонот (почнав како новинар во Македонското радио, Втора програма), на  големата трема од одговорноста на првото интервју во живо, на радоста од дружбите со колегите кои прераснаа во цврсти пријателства. Тоа беа времиња кога новинарите пред да земат микрофон в рака, пред да застанат пред камера или да им биде објавена првата вестичка со нивни иницијали во весниците, мораа добро да научат или да го утврдат материјалот за тоа што е етика и новинарството и тоа според светски стандарди. 

Има ли разлика во поимањето на повикот-новинар и на новинарството некогаш и денес?

  • Во поимањето веројатно нема, но во практика има голема разлика. Порано  новинарите-почетници имаа огромно знаење од речиси сите сфери, пред да почнат да се занимаваат со оваа професија. Новинарите во културата на пример, чија специјалност беше проблематиката во театарот или филмот или музиката и пред новинарството да им стане професија, веќе беа познати во тие кругови. Новинарството беше многу, многу повеќе од став на подучен гледач. Затоа читателите, слушателите или тв-гледачите им веруваа на медиумите и тогаш кога нивниот став не се согласуваше со  забелешките на новинарот за одредена состојба, настан, премиера, изложба. Сега патот до пред камерата или пред компјутерот е само во неколку чекори. Новинарството е во сериозна криза, но тоа не е вина само на новинарите. Многумина ќе речат криза има и во здравството, во политиката, па нормално е и во новинарството. Се разбира дека е така, ама одговорноста на новинарите е огромна зашто тие сериозно влијаат во градењето на вредносниот систем. Многумина ќе сакаат да се оградат од одговорност и ќе речат дека само ја извршуваат задачата на уредникот, а тој пак дека само го спроведува тоа што од него го бара тој што му дава плата. Длабока е и широка кризата во новинарството. Засега не гледам напор да се излезе од неа, зашто некому таквата состојба му одговара. Но, ваквата состојба нема да може долго да трае, се надевам.

Од кого и како најмногу учевте?

  • Најмногу учев како не треба. Затоа нели, не е баш убаво да споменам имиња. Благодарна сум што имав можност да учам убаво говорење пред микрофон и за тоа сум многу среќна. Три месеци учев од најдобрите спикери во Македонското радио, имиња кои се историја. За структура на текст, освен теоријата која ја научив на факултетот за новинарство, учев од информациите и сториите кои доаѓаа од странските новинарски агенции. Во „Дневник” научив како секој нов број на весникот, секој ден, да се работи со огромен ентузијазам како да е прв број. Научив и како од навидум безначајните ситуации и состојби да се извлечат одлични приказни и  значајни суштини.        

На кој начин сте ги решавале или надминувале предизвиците и проблемите?

  • Предизвиците се благодет, а проблемите – главоболки. Ги имало и едните и другите. Со предизвиците зрееш професионално, а со проблемите сфаќаш дека во редакцијата, во која минуваш секојдневно десет часа, не размислувате сите исто, дури и дека немате иста цел. И често тоа што вие го сметате за професионален пристап гледате друг, различен пристап од вашиот, особено на оние кои во новинарството се заради лични придобивки. Па така, често предзвикот станува проблем кој не секогаш  може да има исход  според  вашето знаење и убедување,  иако вашата позиција тоа го претпоставува.

Постои ли рецепт за тоа како се надминуваат тешки периоди во професијата, како се води редакција, тим?

– Да, постои рецепт. Не постои проект или медиум кој нема да доживее успех ако преовладува атмосфера на доверба, ако колегите ги сметаш за пријатели и тие те сметаат за пријател. Тоа не значи дека не сте професионален. Тоа значи само дека имате заедничка цел и првите сè патот до таму да го поплочите со работа и разбирање, да знаете кога да барате повеќе, а кога да подзамижите… Ако се ставите или колегите ве стават на различна страна од нивната, односно ако уредникот е на спротивната страна, тогаш што и да сакате да направите е залудно. Ни тиражот, ни платите нема да ја сменат работната атмосферата, а и таквата состојба не може долго да биде одржлива. Иако, рака на срце, ниту еден главен уредник кој инсистира на работна дисиплина, на поголема продукција на текстови и есклузивитети, кој не толерира нарушување на работните услови и кој ги препознава методите на манипулации, не може да биде баш омилен. Но тогаш на сцена настапува она за што не сте биле свесни дека сте го создале, кое со години сте го граделе – силен тим. На тимот сум особено горда. Затоа „Дневник” беше голем во секоја смисла, зошто имаше тим. Една моја драга колешка со која секодневно пешачам на кејот на Вардар пред некој ми рече: „Ми фали да се искарам за текст, за наслов, како што тоа го правевме во „Дневник” и после сите заедно да одиме на кафе. Затоа весникот имаше тираж од 102 000.

Што е успех и што сметате за ваш најголем успех?

Мој најголем успех? Оф. Можеби што знаев кога да речам доста е. Или можеби повеќе тоа што пред некој ден, актер кој со години не ме поздравува кога ќе се сретнеме зошто сум била критична за една негова улога, откако се разминавме, се сврте и потрча по мене и ми рече: „Многу ни фалите, зошто сега сè отиде во бестрага, нема кој да напише ни лошо, ни добро. Ве почитувам зашто имавте интегритет.”   

Постои ли крај на т.н работен век? Како се останува активен и љубопитен и кога човек не мора или не треба да работи?

  • Мислам дека сега најповеќе сум новинар. Без задршка коментирам сè и сешто, ама по дома. На мозокот не можеш да му кажеш да оди во пензија. Ми кажуваат дека на пензионирањето се радувам како на матурска. И дека „пензионерка” не ми личи на карактерот. Јас само знам дека сега си уживам во животните радости, во дружбата со внук ми, со пријателите, дека најдов време да ги доцртам глинените чинии, да ја дочитам книгата што ја почнав на плажа, но истовремено лесно, без црвени линии и термини се подготвувам за нови, за мене, интересни почетоци. Од ќејф, од задоволство. Силата доаѓа од слободата, од излегувањето од рамката.

Што ги советувате помладите познати и непознати колеги? Што ги советувате воопшто помладите луѓе?

Да бидат пред сè луѓе. Што и да работат да го задржат или да се изборат за својот професионален и личен, човечки интегритет.


Сподели на: