Љубинка Донева

поетеса и писателка

Учев и учам од сите „учебници“ околу мене и во мене

Кога човек го одбира за своја професија она што најмногу го сака и го доживува како радост, времето па и нема некое значење

Љубинка Донева е поетеса и писателка од Кочани, која целиот работен век го поминала во Средното општинско училиште „Ѓошо Викантиев“ во родниот град, каде што предавала македонски јазик и литература. Училиштето важи за еден од најсилните стручни центри од регионот од чии клупи излегле многу инжинери, техничари и луѓе чија работа има големо значење за целата земја. Токму со нив проф. Донева најубаво се разбирала со и преку книгите. Посебна радост за неа била кога и на стручните предмети учениците читале книги или дискутирале за некое дело. Донева е веќе осум години во пензија, мирот и силата ги наоѓа во природата, од каде што извира инспирацијата и за нејзините дела. Автор е книги за деца, поетски збирики и критички текстови. За стихозбирката „Сезоната на пелинот“ во 2021 година ја доби наградата „Даница Ручигај“, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.

На кој дел од вашата професорска работа со радост се сеќавате?

-Најпрвин на љубопитливите погледи  на учениците. На мојата потреба, што појасно  да им ги доближам содржините на учениците и на радоста кога по сето тоа ќе сфатев дека не била попуста мојата посветеност. Се сеќавам на дружбата со учениците при подготовката на училишниот весник, на одбележување на патронатите, на екскурзиите во различни земји, на хуморот што го добивав како вратка за мојот поттик да ги насочам кон позитивната страна на животот. Имало ученици со многу тешкотии, семејни, лични, материјални и во такви ситуации, нивната доверба во мојот педагошки авторитет, многу ми значела и секогаш сум настојувала да ги разрешиме тие проблеми. И кога ќе успеевме, тоа многу ми значеше и тогаш и сега. Посебно кога со некого од тие ученици, ќе се сретнам и следува топол разговор, дружење и слично.

Како од временска инстанца гледате на проблемите/предизвиците и на кој начин сте ги решавале?

-Кога човек го одбира за своја професија она што најмногу го сака и го доживува како радост, времето па и нема некое значење. Во раните години на вработувањето, најмногу работев на будење на свеста кај учениците (особено преку анализа на книжевните текстови) за нив самите како личности. Со разговори и општо пред цела паралелка, а и ако се укажеше потреба (а се укажувала) и посебно со одреден ученик при што издвојував време вон наставата. Се случуваше со помош на друг (најчесто другар или другарка) ученик, ќе инсценирав ситуација на „случајна“ средба и со непосреден дијалог, со тргање на дистанцата професор-ученик, отворавме нови, поубави  можности за напредување на ученикот. Решавањето на проблемот, го доживував како предизвик, а радоста од позитивниот исход, секогаш ме поттикнуваше за уште поголемо вложување.

Како и од кого најмногу учевте во учелствувањето, а од кого за творештвото и за пишувањето?

– За мојата генерација , беше привилегија да се биде студент на проф. Радмила Угринова-Скаловска, на големиот Блаже Конески, Гане Тодорвски, Димитар Митрев, професорот Мирко Павловски. Ми се чини дека таква постава во професорскиот кадар, не е повторена, а прашање е дали и ќе се повтори. Од сите нив, многу можеше да се научи. Посебно од  Конески кој ни велеше дека сите деца се наши. А во мојата пракса, професорот Павловски (професор по Методика на литературата) секогаш како да стоеше во некој агол од училницата и внимаваше да не згрешам нешто. Мајка ми, за благородните луѓе (како моите професори и учители), кога ќе си заминеа, велеше: „Миро да му тече од гробот!“ Јас постојано си го повторувам тоа за сите мои професори. А многу учев и  дома од родителите, од семејството. За творештвото пак, најпрвин како дете, учев од природата. Како дете што расне во пазувите на природата, сплотено со тревите, бубачките и животните, постојано сакав нештата да ги кажам по мое. Учев и од родителите, иако не беа образовани. Татко ми четири пати годишно ни купуваше книги, кои во зимските вечери ги читавме додека тој ни подготвуваше некоја вкусна радост, а мајка ми, работејќи рачна работа, ни го толкуваше прочитаното. Првата моја потреба да напишам нешто, се јави кога постариот брат, кој беше седмо одделение, ни ја читаше Царот на вилите од Ј.В.Гете, а мајка ми многу убаво ни ја доближи болката на загрижениот татко. Истото се случи кога ја читавме и Сердарот од Г. Прличев.  Уште ми одекнува гласот на мајка ми која ја изгубив (кога бев тинејџерка): „Учете сè да знаете, иако не може сѐ да се знае. Не ја користеше фразата Знаењето е моќ, но од сè во што нè упатуваше, зрачеше токму тоа. Татко ми пак н у è чеше дека творештвото не е само збор, музика или слика, туку посветеноста на природата е еден вид создавање… Учев и учам од сите „учебници“ околу мене и во мене.

Како го дефинирате успехот и што сметате за свој најголем успех?

-Успехот, според мене е прашање на лична философија. За мене е успех внатрешната, душевната рамнотежа и силата што човек ќе ја пронајде во себе и кога му е најтешко, да помага на друг. Така се облагородува секој гест, така учиме и едни од други, така се чуваме едни други. Значи, внатрешната, душевната рамнотежа, за мене е успех најмногу вреден. 

Како се останува активен и по завршувањето на т.н работен век?

-Најверојатно тоа е внатрешен порив и е во природата на поединецот. Татко ми кој живееше сто години (без еден месец), до својата 90 та година, многу читаше и сакаше да слуша музика и да се движи во природа. Таа негова философија: „Не оддалечувајте се од природата, ќе се загубите себе си“, е уште еден поттик за активност.

Ваш совет за помладите, не само колеги по перо, туку и познати и непознати луѓе?

-Не сакам многу да советувам, но кога веќе сум прашана, мислам дека е многу убаво да се биде љубопитлив дух, да се  набљудува околу себе и да се учи од тоа. За да се занимава човек со уметноста на зборот, мора многу да чита. Без многу читање, пишувањето не ќе е она што треба да биде. Мислам дека секој човек, во денешно време, има многу можности за лично усовршување, па така секој здраворазумен човек може сам да си го најде својот пат и да се движи лесно, помалку лесно или потешко и да оди напред. Како професор, најмногу се вложував во тоа да ги држам моите  ученици, тинејџери, да ги држам подалеку од зависности, па ова и како порака до помладите. И уште, постојана дружба со природата, нејзино чување и разубавување .Така се чуваме себеси.


Сподели на: