Мудри Совети

Во животот нема случајности. А нивните резултати се аргумент оти зад човекот/авторот стојат неговите дела како единствена етичка и естетска мера за неговите животни и творечки врвици. Значи одгворот е еден: работа, работа, и само работа. Нејзина содржина, мисла и смисла се посветеноста со димензиите што одамна ги поставила егзистенцијата, оти за животот на литературата и на сите креативни човечки дејности се возвраќа со сопствениот живот.

Васил Тоциновски

- универзитетски професор, книжевник и публицист

Од секој човек можеш да научиш, дури и од оној кој нема образование. Може да се научи и од неговите маки и од неговиот живот, ако внимателно го проучиш. Многу може да се научи дури и од децата. . Да помогнеш некому во неволја е голем успех и дар. Цел живот подарувам и верувам дека оној што дарува е најбогат. Да даваш е повеќе отколку да примаш.

Живко Поповски – Цветин

- уметник и хуманист

Мислам дека е многу убаво да се биде љубопитлив дух, да се набљудува околу себе и да се учи од тоа. За да се занимава човек со уметноста на зборот, мора многу да чита. Без многу читање, пишувањето не ќе е она што треба да биде. Мислам дека секој човек, во денешно време, има многу можности за лично усовршување, па така секој здраворазумен човек може сам да си го најде својот пат и да се движи лесно, помалку лесно или потешко и да оди напред. Како професор, најмногу се вложував во тоа да ги држам моите ученици, тинејџери, да ги држам подалеку од зависности, па ова и како порака до помладите. И уште, постојана дружба со природата, нејзино чување и разубавување .Така се чуваме себеси.

Љубинка Донева

- писателка и професор по македонски јазик и литература

На мозокот не можеш да му кажеш да оди во пензија. Јас само знам дека сега си уживам во животните радости, во дружбата со внук ми, со пријателите, дека најдов време да ги доцртам глинените чинии, да ја дочитам книгата што ја почнав на плажа, но истовремено лесно, без црвени линии и термини се подготвувам за нови, за мене, интересни почетоци. Од ќејф, од задоволство. Силата доаѓа од слободата, од излегувањето од рамката.

Лилјана Грџо Дамовска

- новинарка