Да ги слушнеме и гушнеме

Сабота некаде на пладне. По долго убедување се наканивме да одиме да ја посетиме баба ми. Семејните обврски и работата често нè спречуваат да одиме кај неа, но, денес денот е совршен за кај неа.

На влезот на старата зграда нè дочека силен мирис кој ме врати назад во времето, за 30 години. Го препознав тој мирис и не знаев дали сум тажна или среќна што тој е ист, цели 30 години. Заѕвоневме на врата. Во позадина ги слушам бавните чекори на баба ми. Толку многу се гушкавме што за момент почувствував дека сакам да ѝ ја раскажам и пренесам целата тежина што ме мачи. Ах, тие нејзини кристални очи и широка насмевка и целата гласна од преголема возбуда што ме гледа. Преморена се укотвив во нејзината фотелја и тогаш го почувствував целото спокојство што толку ми беше потребно. Почнав да раскажувам глупости од секојдневието, да ја засмејувам, а таа не престана да се вртка околу мене. Сонцето сјаеше низ прозорецот врз чистиот, стар дрвен под. За момент како да одлетав во едно друго време. Почнаа да ми се врткаат спомени од лудориите кај баба. Убаво ми беше. Мојот омилен ручек беше поставен на старата дрвена маса за која се шегувавме дека е од нејзината свадба. Дури и го направила мојот омилен колач. Едноставно, сè беше совршено.

Баба ми многу сака да раскажува приказни од нејзината младост, а обожава и да нè советува. Со сестра ми секогаш ја убедуваме дека времето не е исто, а таа никогаш не ни се лути, секогаш ги прифаќа нашите прекори со топла насмевка.

Денот поминуваше, јас бев веќе договорена за вечерта и почнав да брзам, да вртам телефони…

Баба ми не го спушташе погледот од мене, на момент се пошегував: „Бабо, многу сум убава, нели?“. Ми врати нежно: „Секогаш си убава, сине.“

Дојде време да си одиме и баба на врата како да сакаше да ми каже нешто, но ја не ѝ обрнав внимание. Се поздравивме, забележав дека на лицето ѝ се тркалаа сјајни бисери. „Бабо, не плачи, ќе дојдеме пак.“ Таа се сврте и тивко ми рече: „Сине, да ве погледам уште малку, не знам до кога ќе можам.“

Небрежно поминав преку тоа. Ме пресече звукот на затворање на вратата. Стоев немо пред затворената врата. За момент ме полазеа морници и милион прашања ми се свртеа во главата. Па, јас заборавив да ја прашам – како е?! Не успеав ниту да ја сослушам со внимание! Дали таа се збогуваше со нас, дали ова беше последен поздрав?

Ми се сврте во главата. Дали на жената што ме порасна ѝ го дадов вниманието кое искрено го заслужува? Таа копнееше по топлина и прегратка. Се завртев и донесов одлука која и ден денес ми ја грее душата. Заѕвонив повторно на вратата. Баба ми се изненади: „Да не заборави нешто, сине?“ – ме праша. „Заборавив да те изгушкам! Вечерва се претворам во уво. Сакам да ми ја раскажеш најубавата приказна пред спиење. Вечерва останувам тука во лулката што ме израсна во личноста што сум денес“  ѝ реков весело.

Дa ги слушнеме и гушнеме тие што нè пораснаа!

Сподели на: