македонски писател
Имав среќа професионалното време да го минувам во институции кои ми озвозможуваа да пишувам, да истражувам, патувам, постојано во потрага по нови вистини и одгатнување на бројни тајни
Васил Тоциновски е меѓу најплодните современи македонски писатели. Автор е на над 120 книги од сите области, од кои 65 дела од областа на белетристиката и науката, 70 редакции и избори од македонското книжевно и публицистичко наследство и 22 енциклопедии, учебници, прирачници и зборници, каде се јавува како автор и коавтор. Во домашната и странска периодика публикувал над 365 книжевно-историски студии и 604 есеи и критики. Тоциновски има фундаментален придонес за развојот на македонската книжевна историја, особено проучувањето на македонскиот книжевен 19 век. Тоциновски има придонес и кон етаблирање на општествено-културниот живот како раководител и одговорно лице на неколку културни, медиумски и научни институции, преку многубројните раководни функции: главен и одговорен уредник на Втората програма и на Секторот за училишна, образовна и научна програма на Телевизија Скопје, главен уредник на најстарото списание за литература, култура и уметност „Современост“, директор на Институт за македонски фолклор „Марко Цепенков“, научен советник во Институтот за македонска книжевност, секретар на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) итн. Од 2008 сѐ до пензионирањето (2014 год.) го водел Лекторатот по македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Добитник на бројни награди и признанија, неуморен чинител и сведок на живата македонска книжевна и општествена сцена, Тоциновски, со топол, учителски глас вели: зад човекот/авторот стојат неговите дела како единствена етичка и естетска мера за неговите животни и творечки врвици. За тоа има само еден одговор: работа, работа, и само работа.
На кои моменти од вашите почетоци во книжевноста, науката и публицистката со радост се сеќавате?
-По повеќе години присуство на страниците од македонските весници и списанија, во 1972 година во издание на „Мисла“ излезе од печат мојата прва стихозбирка „Тајна во сонот“. Во областа на книжевната историја во 1980 година, Новинско-издавачката организација „Студентски збор“ го објави трудот „Моќ на поетската реч“, литературно-историски записи. Во животот нема случајности. А нивните резултати се аргумент оти зад човекот/авторот стојат неговите дела како единствена етичка и естетска мера за неговите животни и творечки врвици. Значи одгворот е еден: работа, работа, и само работа. Нејзина содржина, мисла и смисла се посветеноста со димензиите што одамна ги поставила егзистенцијата, оти за животот на литературата и на сите креативни човечки дејности се возвраќа со сопствениот живот. Имав среќа професионалното време да го минувам во институции кои ми озвозможуваа да пишувам, да истражувам, патувам, постојано во потрага по нови вистини и одгатнување на бројни тајни низ димензиите на белетристиката од една и науката од друга страна.
Во 1969 година се вработив во тогашната Радио Телевизија Скопје. Таму минва дваесет години, како водител на телевизискиот дневник, коментатор, уредник, главен и одговорен уредник на Втората програма (1981-1984), што го сметам за златен период на дејствување и резултати, особено со документарните филмови, и на Секторот за училишна, образовна и научна програма (1985-1988) каде што последен мој проект беше незаборавната „Бушава азбука“.
Од кого најмногу учевте во сите сфери на делување?
-Како студент на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ на Филозофскиот факултет во Скопј, имав прекрасни професори: Блаже Конески, Димитар Митрев, Харалампие Поленаковиќ, Кирил Пенушлиски, Мирко Павловски, Гане Тодоровски. Тие ми ги покажаа и ги отворија патиштата по кои треба да одам. Подоцна поттик повеќе беа другарските препораки од Александар Алексиев и Благоја Иванов не само за пишување, туку и за објавување текстови во списанијата „Современост“ и „Разгледи“. Потоа работите само се подредуваат, дооформуваат и отвораат нови можности. Уште во првите трудови мој интерес беа помалку познатите или заборавени автори, процеси и манифестации, појави и пројави. Но, најмногу ме привлекуваа приказните за македонските писатели кои живееле во туѓина, така им одредила судбината, го користеле туѓојазичниот исказ, но нивна единтвена тема која прераснува во посебна филозофија е македонствувањето.
Што е успех и што сметате за ваш најголем успех?
Триесетина домашни и меѓународни награди и призанија претставуваат своевидно признание за она што било постигнато и во литературата, но и посебно во науката за книжевност. Тука се престижните државни награди „св. Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“ за наука и „Крсте Мисирков“ за новинарство. Посебно се радувам на признанијата кои имаат свои покровители и чии имиња и дела претставуваат вредно признание, но и обврска кон она што тие го оставиле зад себе. Би ги одвоил: Димитар Митрев награда за критика на Друштвото на писателите на Македнија, Ванѓа Чашуле за превод на Сојузот на книжевни преведувачи, Гемиџиите за животно дело на Велес, Коле Неделковски, Крсте Чачански или странските признанија Горан Бујиќ – писател и новинар, Петар Канавелиќ, Наџи Нааман.
Како се останува активен и по завршувањето на т.н работен век?
Годинава одбележувам не толку мал јубилеј – 50 години творештво, но и понатаму имам иста девиза. Работа, работа, и само работа. Така, и сега на мојата работна маса имам три нови книги кои чекаат да ја видат светлината на денот.