Живко Поповски – Цветин

уметник и хуманист

Зад секој возрасен човек треба да оди еден млад и да бележи

Од секој човек можеш да научиш нешто. Може да се научи и од неговите маки и од неговиот живот, ако внимателно го проучиш. Дури и од децата може да се научи многу.

До сега сум имал девет работни места, пензионер ми е десетото и сега најмногу работам – шеговито вели уметникот и хуманист Живко Поповски Цветин, креатор на мисијата „Цвеќе на мирот“. Потекнува од Брезово, Демир Хисар, работел како агроном во повеќе општини и претпријатија, а така и се пензионирал, но најпознат и најкативен е како миротворецот Цветин, кој зад себе има повеќе од 300 изложби низ целиот свет и над 60 илјади подарени слики со цвеќето на мирот.

Работниот век го започнал во една фарма во Меџитлија, Битолско, па во Републичкиот завод за општинско планирање, потоа во родното село Брезово, бил уредник на списанието „Современо земјоделство“, волонтер во Црвениот крст и уште во многу други општествени и хуманитарни организации. За себе вели дека постојано и од сите учел, па дури и од децата.

На кои моменти од вашиот работен век со радост се сеќавате?

-Со радост се сеќавам на сите девет работни места каде што сум бил. Во Меџитлија бев приправник, потоа во Демир Хисар во службата за унапредување на индивидуалното земјоделство каде што бев и раководител и единствен вработен и работев сè, но сакав на некој начин да се оддолжам на својот крај. Таму се сретнав и со Коста Хаџи Антоновски и тоа е од пресудно значење, оти тој ми ја вгради љубовта кон сликарството. Се сеќавам и на една друга случка со него. Додека бев во основно школо, во седмо одделение, за некој голем настан, тој ми даде задача пред преполна сала ученици и родители на табла да ја нацртам карата на СФРЈ. Имав трема и бев збунет, но Коста ме охрабри со неговите педагошки мерки. Го изгасна светлото во салата, а ми запали ламба само на таблата. Така јас добив чувство дека сум сам, па се сконцентрирав на мојот цртеж. Во Демир Хисар бев секретар на општинскиот синдикат, па на работниците им обезбедив општествена исхрана во сите претпријатија, формиравме синдикална школа за секој работник да знае да си ги бара своите права, а на најдобрите ученици и студенти да им обезбедиме стипендии од Титовиот фонд. Потоа организиравме и настани од културата, прикажување на ракотворби и вклучување во спортски игри. Во 1975 година дојдов во Скопје и станав уредник на списанието „Современо земјоделство“, каде што си ја поврзав и агрономијата и креативноста кон уметноста, преку уредувањето, изборот на текстови и фотографии, слики. Сум бил и на раководни и на директорски позиции, но цел живот некако ја спојував струката со уметноста. Тоа се некои моменти кои ми останале во сеќавање.

Како ги надминувавте предизвиците и проблемите?

-Тешкотии не сум имал, имав работна навика, имав навика да слушам, да ги слушам возрасните кои имаат искуство, за да не тргам сам да го откривам тоа што тие веќе го минале, туку да продолжам. На пример, кога работев во Републичкиот завод за унапредување на земјоделството, имав повозрасен колега, Крсто, кој цел живот работел таму, кога јас почнав тој беше пред пенионирање. Тој ми кажуваше и укажуваше на сè. Кога замина, во Заводот се плашеа што ќе стане со местото, но  јас успеав да го наследам, затоа што се трудев да го научам она што тој го работеше во однос на планирањето на агроиндустријата. Затоа, немавме ни јас, ни Заводот проблем. На сите работни места,  јас секогаш сум бил подготвен и да водам и да организирам. Од секој човек можеш да научиш, дури и од оној кој нема образование. Може да се научи и од неговите маки и од неговиот живот, ако внимателно го проучиш. Многу може да се научи дури и од децата.

Од кого учевте за уметноста и за хуманоста?

-Прво учев од родителите, потоа од наставниците, имав прекрасни наставници кои ми биле репер не само за образованието, туку и за воспитанието. Секогаш сум ги слушал и повозрасните и моите врсници. Коста го споменав како прв учител, втор е Ставре Димитров-Стадим, кој ме научи со шпаклата и акрилните бои да постигнам ефект како што се постигнува со маслените бои и четката. Во образованието репер ми беа и моите професори и во Белград и во Битола, кои во мене ја вградија љубовта да го сакам она што го учам. Ако така се сфати, сè може да се научи. Јас секогаш сум се дружел со позитивни луѓе, кои не се жалат дека нешто ги боли, дека не можат да работат и заработат. Сум ги помагал и оние кои немаат, но секогаш сум трудел да им кажам дека можат и да работат и да заработат.

Што е успех и што вие сметате за свој личен и професионален успех?

-Успех е сè што ќе направиш убаво, дури и услуга да направиш некому или да помогнеш, па макар и во производство и бераба, е успех. Да помогнеш некому во неволја е голем успех и дар. Јас за 35 години творештво, имам подарено 60 илјади слики и тоа го сметам за голем успех, како и 300 изложби низ светот. Сето тоа ми причинува задоволство. Цел живот подарувам и верувам дека оној што дарува е најбогат. Да даваш е повеќе отколку да примаш.

Како се останува активен и по пензионирањето?

-Вие ме потсетивте дека сум пензионер, затоа што јас сега работам дури и повеќе од порано, секако сега во оваа уметничката и хуманистичка сфера. Сметам дека го имам животното искуствоа, а многуте поминати работи и позиции, ми даваат за право да направам изложба дури и во моментов. Мојата мисија „Цвеќе на мирот“ така и се роди и се развива. Едноставно имам многу идеи, што понекогаш ми се чини дека можам да реализирам и по сто на ден (ха, ха, ха). Секако нема да успеам во тоа, но ако некој од младите сака да направи нешто, јас секако ќе им помогнам.

Кој е вашиот совет за помладите?

-Да ги слушаат повозрасните во своето најтесно семејство, во својата фамилија и да бележат и да го учат од нив она што им е најинтересно. Потоа, во животот да го учат и работат она што најмногу го сакаат. Само така ќе имаат успех. Јас, кога не ми не ми дозволија да учам уметничко училиште, поради материјални причини, една година протестирав и не идев на школо.  Потоа учев за агроном и сум ногу среќен што ја избрав таа професија, од неа и се пензионирав. Паралелно си ја живеам и уметноста и мојата мисија на „Цвеќето на мирот“, тоа пак ми овозможува постојано да бидам во комуникација со позитивни луѓе. Само убавото се удвојува. Само така можеме и ние пензионерите да бидеме задоволни, да опстојуваме, да живееме подолго. Ние не сме само терет на државата, туку напротив и многу помагаме.


Сподели на: