Мимоза Томиќ Несторова

архитект

Со дообразување, со духовити решенија и со вежбање фантазија се постигнува напредок и успех

Мимоза Несторова Томиќ е архитект и урбанист. Родена во Струга во 1929 г., архитектонското образование го завршила на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград. По дипломирањето се вработила во Институтот за народна архитектура при Техничкиот факултет во Скопје, а во 1954 г. била избрана за асистент на предметот Проектирање на станбени згради.

По земјотресот во 1963 г., била поканета во тимот за изработка на Основниот урбанистички план за градот Скопје, како надворешен соработник на Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Во 1965 год. се вработила во Заводот како самостоен проектант и раководител, каде од 1986 г. сѐ до пензионирањето во 1989 г. била директор.

За својот придонес во македонската архитектура, во 1973 г. била наградена со наградата „13 Ноември“ доделена за градбата Музеи на Македонија, а во 2011 г. ја добила наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Што е успех и што сметате за ваш најголем успех?

Ако имате идеја и таа стаса до реализација, а другите ви ја афирмираат, сметајте го тоа за успех. Но мислам дека е успех и спојот на професионалниот живот и хармонијата во семејството, почит едни кон други.

Како се останува активен и по завршувањето на т.н работен век?

Само со работа, со едукација до крајот на животот. Се она што сте го пропуштиле, повторно го анализирате, читате, го проширувате знаењето а така се доближувате кон мудроста.

На кои моменти од вашиот работен век со радост се сеќавате?

Се радував и се сеќавам на сите проекти кои имаа креативност низ создавањето. Се радував што бев во тимот за Старата чаршија, го гледав со возбуда издигнувањето на Сули-ан од руините. Се сеќавам на реализацијата на секој проект од сите мачни моменти се до задоволство за постигнатото.

Како ги надминувавте предизвиците и проблемите?

Ги анализирав проблемите, ги селектирав, бев критична кон себе, го барав најконструктивниот одговор, така се доаѓа до квалитетно решение. Писателите често ќе ја изгужваат напишаната хартија, така и ние архитектите. Се додека не дојдете до вистинското решение, крива ви е скицен хартијата и моливот, имате неспроспиени ноќи и се борите со сам себе, се додека не дојдете до најдоброто решение.

На кои проекти сте најгорди?

Мојата главна преокупација беше урбанизмот, но имав среќа да добијам и архитектонски проекти. Секој проект е дел од вашата интимна инвестиција и вашиот внатрешен немир, има моменти и на солзи. Од идеја, кон скица и цртеж до финална реализација бев возбудена и ментално и физички исцрпена за секој проект. Најголем успех е кога ќе дојдете до реализација. Горда сум и на социолошката студија, како раководител во екипата на Пол сервис, што е основа за еден град. Мудрост е да се откријат сите извори на можностите за градот, без таа студија нема добар урбанизам. Мака ми е за некои проекти кои не се рализираа, но сите мои проекти се мојот живот и љубов кон професијата.

Кој е вашиот совет за помладите?

Би ги посоветувала да се посветат на својата професија со љубов, ентузијазам и аналитичност, без оглед какво значение има објектот. Постојано да се дообразуваат, да бараат духовити решенија, да ја вежбаат фантазијата. Така и во архитектурата, но и во многу други професии, се постигнува напредок.


Сподели на: