Тања Гошева

библиотекар

За секоја работа треба да се има многу љубов

Тања Гошева е библиотекар советник и директор на ЛУ библиотека „Благој Јанев – Мучето“ – Струмица. На чело на оваа институција таа е цели 20 години. И покрај позицијата, искуството и годините, Гошева со нескриена жар вели:„ секој процес во библиотеката за мене преставува предизвик“. Оние кои ја познаваат знаат дека таа така и работи, така и ги подучува помладите колеги и го води тимот на една од најактивните институции во општината и пошироко. Таа е ментор на приправниците библиотекари, член на комисијата на натпреварите „Млад библиотекар“, многу пати наградувана за својата работа и неуморна во учењето нови нешта и професионална надоградба. За неа книгата е најверниот другар на човекот, а знаењето од неа трае цел живот. Гошева за својата сакана професија може да зборува со денови, а својата љубов ја преточи и во исцрпен и емотивен предговорот за монографијата по повод 75 години од постоењето на Струмичката библиотека.

На кои моменти од вашите почетоци со книгата и библиотеката секогаш со радост се сеќавате?

Другарувањето со книгата го започнав одамна дома, тогаш имаше можност прво да се купуваат сликовници. Потоа, некаде 1969 година станав член на Градската библиотека ,,Браќа Миладинови” во Скопје. Од мала сакав да ја посетувам библиотеката, некогаш побарував книга која беше дел од лектирите кои ги обработувавме, но често и со почит кон препораката на библиотекарката, позајмував и читав и други наслови. Токму тие книги подоцна станаа мои најверни другари и дел од мојата професија. Сè уште ги паметам библиотекарките, таа слика остана во мојата меморија како сеќавање на едно прекрасно детство. Тогаш немаше интернет или книга обработена на две до три страници, како што сега велат скратена верзија, па читателот ќе прочита, а всушност ништо нема да разбере. Книгата може да се разбере само ако се прочита од прва до последна страница.

Од кого и како најмногу учевте за библиотеката, библиотекарството и вашата професија?

На Филозофски факултет за испит, честопати ја посетував библиотеката и користев материјали. Сеќавања што се паметат: влегуваш во читална каде што е присутен библиотекар, барате книги кои се потребни за испит и во тишината се слуша само шумолењето на хартијата од страниците што се вртат, а ти препишуваш или ќе замолиш да може одреден број на страници да фотокопираш. За некои предмети само тука можеше да се најде одговорот на прашањето, материјалот. Често пати ја посетував и НУБ, „Св. Климент Охридски“ во Скопје и во читалните користев одредена литература потребна за мојата наобразба, комплетирање на библиотечните фондови, обработка на библиотечна граѓа, сместување и користење на библиотечна граѓа, библиографска и информативна дејност, оддел за позајмување на деца, оддел за позајмување на возрасни,  дигитализација, популаризација.

Како низ годините работа ги надминувате предизвиците, проблемите? Како се води тим кој пред сè треба да биде креативиен и посветен?

За секоја работа треба да се има многу љубов. Вработените во Локалната установа библиотека ,,Благој Јанков Мучето” Струмица која постои 76 години, отсекогаш работеле со голем ентузијазам и почит кон корисниците. Во библиотеката членуваат голем број на читатели, кои традиционално редовно ја посетуваат библиотеката. Библиотекарите професионално се надградуваат, се пратат сите новини, обуки, воведена е програма  COBISS, која со своите сегменти дава многу можности, набавка на книжен фонд, внесување на книжен фонд, зајмување на книжен фонд.  Ова е програма со која читателот и од дома може да дојде до информација дали одреден наслов го има во библиотеката и каде може да го позајми. Библиотеката во Струмица е институција број еден во градот, институција која се труди да ги задоволи потебните информации и наслови за секој читател.

Како го одржувате личниот ентузијазам, како се останува активен во фелата?

Со работа. Секој процес во библиотеката за мене преставува предизвик: Од набавка на книжен фонд,  обработка на книжен фонд, обработка на изданија на роднокрајни автори, издаваштво и промоција на преку 85 наслови на роднокрајните автори, промоциија на книги. Потоа тука се посетите на децата од градинките, основните и средните училишта, посета на студенти, организирање на конкурси, дигитализација на книжен фонд, конзервација и реставрација на стари и ретки книги кои ги поседува библиотеката. Тука имаме над 530 наслови од крајот на 18, 19, 20 век, кои се чуваат и се редок пример на фонд во библиотеките ширум државата.

Што ги учите и што ги советувате помладите колеги, па и познати или непознати млади луѓе?

Да работат. Со работа и ги мотивирам сите да работат. Да се внесат во убавините на книгата, затоа што храмот на пишаниот збор знае да ви донесе само задоволство. Книгата е најверниот другар на човекот, таа нема да ве изневери, таа ќе ве награди со знаење за цел живот.


Сподели на: